Категорија: Македонија
И најмалите битолчани дел од големиот проект „Собираме и ре-креираме со Бимилк“
Битолското Чупе ги посети и малите битолчани од градинките „Мајски Цвет“ и „Естреја Овадија Мара“, кои учествуваа во едукативните и креативните работилници во рамки на проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“.
Работилницата во градинката „Мајски Цвет“ се одржа во главната градинка, каде дечињата уживаа во пригодната приредба со нивното добро познато Битолско Чупе, а истовремено учеа и за важноста од зачувување на животната средина и стекнување здрави навики уште од најрана возраст.
Битолското Чупе потоа ги посети и дечињата во главната градинка „Пролет“ од градинката „Естреја Овадија Мара“ кои исто така со многу игра и песна се забавуваа со главниот лик и ги презентираа предметите кои ги изработиле од празни амбалажи Битолско млеко.
Всушност дечињата во претходниов период во голема акција ги собираа празните амбалажи и од нив понатаму со своите родители или воспитувачки изработуваа разни предмети, со цел уште од мали години да стекнат навики за грижа за природата, а заедно со Битолското Чупе истовремено учеа и за хуманоста, бидејќи крајната цел на овој проект е изработените предмети да бидат изложени на голем предновогодишен хуманитарен базарна кој собраните средства ќе бидат донирани за СОС Детско село Македонија.
Хуманитарниот базар ќе има и пригодна детска програма, а истиот се одржи на 23 декември во Веро Центарот во Скопје со почеток од 12 часот, каде ќе бидат изложени предметите од сите градинки учесници во овој голем проект.
„Навистина сме среќни што уште во првата година од овој, за нас многу значаен, проект се опфатени дечињата од двете градинки во Битола и се надеваме дека вистински ќе успееме да ги поттикнеме да се грижат за природата, но и за себе и своето здравје, применувајќи здрава исхрана уште од најрана возраст. Нашата искрена цел е на еден креативен и едукативен начин долгорочно да влијаеме на нивните навики и токму затоа го спроведуваме во градинките низ Македонија, бидејќи за вистинските вредности се учи од најмали нозе“, изјави Дарко Апостолов од маркетинг секторот на Бимилк.
Инаку досега се реализираше ваква работилница и во СОС Детското цело по повод Светскиот ден на детето, а веќе се одржаа и во Охрид во градинката „Јасна Ристеска“ и во Скопје во градинката „Детска радост“.
Во целиот проект се вклучени близу 2.000 деца ширум Македонија, а од Бимилк го најавуваат како голем пилот-проект кој ќе продолжи и во наредните години, сѐ додека не се покријат сите деца од цела држава.