Категорија: Македонија
Инженерите со Декларација за заедничка соработка на инженерите
Дваесет здруженија и сојузи, членки на Инженерската институција на Македонија, денес, потпишаа Декларација за заедничко дејствување во стимулирање и координирање на развојот на науката и новите технологии во сите инженерски дисциплини. По повод 70 години од постоењето на Институцијата, на денешното Свечено Собрание, беше промовирана и монографијата „Инженерство – мотивација – иновација“.
Според професор д-р Христина Спасевска, претседател на ИМИ, оваа организација имала и има суштествена улога при дефинирање на образовните и научните текови во инженерските дисципилини.
„Инженерскиот начин на размислување, навиките за работа и прецизноста во реализација на проектни активности, дава можност да гледаме чекор напред… дека сé е менливо и дека и покрај сé, треба да бидеме свртени кон иднината, затоа што токму ние, наставниците и професионалците во компаниите, сме должни да им помогнеме на нашите млади кадри во трасирање на патиштата пред нив“, рече Спасевска на денешното јубилејно Свечено Собрание.
Таа порача дека ИМИ, со сите свои капацитети, ќе работи, преку иницирање активности, да се создадат услови за суштинска соработка меѓу членовите на Институцијата.
„Само со заедничко дејствување ќе може да се наметнеме во средината и да ја подобриме општествената клима за инженерската фела. Денешницата покажува сериозно организирано изразување на граѓанските ставови и вообичаено е, во таа плејада на различности, најнагласени да бидат оние кои се однесуваат на подобрување на фундаменталните човекови права. Сепак, не помалку значајно, е мислењето на професионалните организации што директно може да влијае врз целокупниот развој на државата, особено во сферата на образованието, науката и новите технологии“, рече Спасевска.
Потврда за важноста на дејствувањето на Инженерската институција е доделувањето на признанието „Повелба на Република Македонија“ од претседателот д-р Ѓорге Иванов по повод седум децении од основањето на Институцијата како професионална и научно-стручна асоцијација и доделувањето на Инженерскиот прстен на младите инженери во Република Македонија.
По повод 70 години од постоењето на оваа професионална организација беше промовирана и монографијата „Инженерство – мотивација – иновација“.
„Монографијата е траен запис за развојот на инженерството во Македонија. Насловена е како „Инженерство – мотивација – иновација“ или симболика од името на Институцијата. Затоа што, инженерството е носечки столб во општеството и врзивно ткиво за постоење на Институцијата. Мотивацијата е водилка на секоја личност и без неа, ниту едно дело нема да биде реалност. Иновацијата е моторот кој ја менува реалноста“, рече професор д-р Грозде Алексовски, промотор на Монографијата.
Институцијата имала различни називи, но мисијата и визијата биле исти, наведува Алексовски. Официјален датум за формирање на Инженерската институција на Македонија е 25.12.1946 година. Денес, ИМИ ја сочинуваат 20 членки, непрофитни здруженија и стручни сојузи на инженери од сите гранки.