Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, денес ја посети општина Битола, каде што оствари официјална средба со градоначалничката Наташа Петровска, со која заедно го посетија и Музејот на Албанската азбука во Битола. Претседателот Мета, при денешната посета, потсети на големото историско значење на Битола, а исто така изрази верување дека во идниот период соработката помеѓу двете држави ќе се зголемува, како на локално, така и на централно ниво.
„Исклучителна чест е за мене како претседател на Република Албанија да го посетам градот Битола и да изразам задоволство што се наоѓам на едно свето место за Албанците, било каде да живеат тие, место каде што нашите најумни и најхрабри патриоти, 109 години порано го направија унифицирањето на албанската азбука.Битолскиот Конгрес е исклучително важен настан, бидејќи ја забрза процедурата за следниот уште поважен настан прогласувањето на независноста на Албанија.
Во оваа прилика, сакам да му се заблагодарам на вицепремиерот г-дин Хасби Лика и на новоизбраната градоначалничка на Битола, г-ѓа Наташа Петровска. Сакам да искажам благодарност и до властите во Р. Македонија и на локално и на централно ниво, за грижата што ја искажуваат за овој објект, за ова здание и за сите нивни планови за реставрација, надградба и негово збогатување. Ние ќе бидеме во комуникација за да го дадеме и нашиот придонес за оваа работа. Јас се надевам дека сме во нова ера на одлични меѓуетнички односи внатре во Македонија и на исто така, одлични односи помеѓу граѓаните и двете држави, од двете страни на границата.
Догодина славиме 110 години од постоењето на овој славен Битолски конгрес и овој настан е од исклучителна важност за нас, а верувам и за Општина Битола и за Владата на Република Македонија, воопшто. Убеден сум, дека сега Битола не само што ќе биде многу повеќе посетена од Албанците и во Македонија и во дијаспората, но ќе биде посетена и од учениците и студентите од Албанците од Албанија за да се запознаат со историјата и да бидат уште посвесни и поблагодарни за целокупната работа на тие луѓе кои пред 109 години го направија Битолскиот конгрес.
Во оваа можност, имам специјална покана до градоначалничката на Битола, да ја посети Албанија за да заедно со нас, на Владино ниво, но и со општините во Република Албанија, да основаме заеднички програми, кои ќе не доближат уште повеќе да имаме не само добро разбирање, туку и поголема љубов“, изјави претседателот на Република Албанија, Илир Мета, при денешната посета на НУ Музеј на Албанската азбука во Битола.
Градоначалничката Петровска испрати искрени честитки до сите граѓани – Албанци, изразувајќи верување, дека во идниот период меѓусебната соработка ќе даде големи резултати на повеќе нивоа во општественото живеење.
„Во оваа прилика сакам да им го честитам на сите Албанци каде и да се наоѓаат во светот – Денот на Албанската азбука. Ова е само потврда дека Битола отсекогаш бил културен, образовен, економски центар, значаен центар од секаков аспект. Она што би сакала да го споменам е дека каде и да се наоѓате, на која нација и да припаѓате, секогаш за човештвото е најбитна комуникацијата, разбирањето, градењето на довербата помеѓу народите, а ова е всушност еден од начините, како во пракса го покажуваме тоа. Со мојот почитуван гостин, денес разговаравме меѓудругото за најразличните форми на соработка во следниот период којшто се однесуваат и во сферата на образованието, туризмот, економијата. Тоа е во интерес на двете страни во градењето и продлабочувањето на меѓусебната соработка. Јас сум длабоко убедена дека тоа во иднина ќе се реализира“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Со повеќе активности, во Битола продолжува одбележувањето на Денот на Албанската азбука.