Категорија: Економија
„ТАВ“ промовира нов лет од Охрид до Цирих со „Германија флуг АГ“
„ТАВ Аеродроми“ ги заврши преговорите со швајцарската авиокомпанија „Германија флуг АГ“ за воведување директни редовни летови од Охрид до Цирих.
Оваа дестинација веднаш ќе биде додадена на распоредот на аеродромот „Св. Апостол Павле“, а летовите ќе отпочнат на 17 декември. Тие се реализираат во соработка со тур-операторот „Ер Приштина“ и билети веќе можат да се резервираат на интернет-страницата www.airprishtina.com.
Според договореното меѓу ТАВ и „Германија флуг АГ“, авиокомпанијата ќе оперира еднаш неделно во зимскиот ред на летање за сезоната 2016/17, а тој бројот ќе се зголеми на двапати во неделата во текот на летото следната година. Претставниците на авиопревозникот неодамна ја посетија Македонија на покана на ТАВ и се сретнаа со членови на маркетинг-одделот на аеродромскиот оператор, како и со менаџментот на „ТАВ Македонија“.
„Навистина сме среќни што оваа соработка ќе почне да се реализира и на тој начин ќе се зајакнат нашите напори за презентирање на Македонија како атрактивна туристичка дестинација и особено, едно од нејзините најубави места, Охридското езеро и градот. Очекуваме оваа рута да служи како добра врска помеѓу Македонија и Швајцарија, но и да функционира како линк меѓу Германија, особено нејзиниот јужен дел, и Швајцарија со Македонија како крајната дестинација“, истакна Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во „ТАВ Аеродроми“.
Додавањето на оваа дестинација е дел од маркетинг-активностите што ТАВ постојано ги превзема со цел да се прошири листата со летови на двата македонски аеродрома – скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“.
Неодамна, на покана на ТАВ, поголем број француски и полски тур-оператори ја посетија Македонија и Охрид со истата цел – воспоставување нови летови и зголемување на сообраќајот на охридскиот аеродром.
„Летовите од Охрид до Цирих ќе ги реализираме во име на нашиот партнер „Ер Приштина“. Пресреќни сме што нашето долгогодишно партнерство ќе го прошириме со оваа нова рута. „Ер Приштина“ и „Германија флуг АГ“ веќе соработуваат во Швајцарија на летовите од Цирих до Скопје, како и од Цирих и Женева до Приштина“, вели Урс А. Пелицони, главен комерцијален директор и извршен член на одборот на „Германија флуг АГ“.
Оваа авиокомпанија, чиешто седиште е во Глатбруг, Цирих, е основана во август 2014 година. По првиот лет во март 2015, авиопревозникот обезбедува услуги на низа дестинации за одмор и до градови во балканскиот регион.
Освен на планот на воведување нови линии, „ТАВ Македонија“ годинава оствари забележителни резултати кај бројот на патници. Во првите 10 месеци од 2016, во споредба со истиот период лани, тој е пораснат за 16 отсто односно на двата аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е достигнат вкупен број од 1.534.591 патници. Во истата временска рамка, од јануари до октомври 2016, бројот на полетувања и слетувања е зголемен за 11 проценти, односно реализирани се вкупно 14.406 летови.