Раритетна со рака напишана песна од еврејското девојче Ана Франк е продадена во средата на наддавање во Холандија на неименуван колекционер за 140 илјади евра, соопштија организаторите.
Наддавањето во аукциската куќа Bubb Kuyper во холандскиот град Харлем траела само две минути. Почетната цена изнесувала 30 илјади евра.
„Во последните 40 години само четири или пет ракописи на Ана Франк беа понудени на аукции“, изјави директорот на аукциската куќа Тис Бланквоорт.
Посветена на „драгата Кри-Кри“, песната е напишана на холандски јазик, со црно мастило на хартија од блок за скицирање.
Ана Франк песничката ја напишала на 28-ми март 1942 година за споменарот на постарата сестра на нејзината најдобра другарка. Три месеца подоцна сите членови од нејзиното семејство заминуваат во засолниште во Амстердам поради нацистичките прогони.
Откриени се во 1944 година и депортирани во концентрационен логор. Ана Франк умрела во Берген-Белсен во пролетта 1945 година. Нејзиниот дневник воден во времето на криењето во Амстердам е преведен на 67 јазици и продаден во повеќе од 30 милиони примероци ширум светот.