Огромен пожар избувна во рафинерија за нафта на северот на Италија во четвртокот, каде нема сериозно повредени, но жителите од околината се предупредени да ги затворат прозорците во текот на ноќта, а училиштата во регионот превентивно се затворени во петок.
Драматичните фотографии покажуваат голем столб чад кој се издига по пожарот што изби доцна во четврток, во рафинерија во регионот Павиа.
Облаците чад се гледаа и на оддалеченост од 30 километри, подалеку од фабриката што ја води мултинационалната нафтена и гасна компанија Ени. Фабриката не се наоѓа во близина на ниту една населба, но околу неа има неколку фарми.
Противпожарната служба на Италија соопшти дека пожарот бил потполно изгасен утрово во 7.45 часот, а го гаселе тимови од 40 луѓе цела ноќ. Сѐ уште не е познато што го предизвикало пожарот, откако од Ени соопштија дека не станува збор за експлозија.
Во четвртокот вечерта сообраќајот беше забранет по околните патишта, а на жителите им беше сугерирано да останат дома и да ги затворат прозорците, но предупредувањето беше укинато во петок наутро.
Сепак, неколку училишта во околината останаа затворени во петок, како мерка на безбедност.
Вработените се прегледуваат поради вдишан чад. Двајца вработени се затруени, но не се во критична состојба.
Се работи и на процена за штетите кои пожарот може да ги предизвика на околината, но и како пожарот ќе влијае врз здравјето на луѓето.
Ени објави дека пожарот не предизвикал загадување на воздухот.