Во Сирија убиен еден од водачите на Исламска држава

Меѓународната антитерористичка коалиција предводена од САД во Сирија убила еден од водачите на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава потврди во саботата Пентагон.

„Коалициските авиони гаѓаа и го убија Тунижанецот Бубакер ал-Хаим во Рака во Сирија на 26-ти ноември“, потврди портпаролот на Пентагон, Бен Сакрисон, во писмена изјава испратена до агенцијата AFP.

„Ал-Хаким беше еден од водачите на Исламската држава и долгогодишен терорист со големи врски во француските и туниските џихадистички елементи“, додава Сакрисон.

Веста за загинувањето на Ал-Хаким први на 2-ри декември на Twitter ја објавија припадниците на сириската опозиција.

Овој 33-годишник е осомничен за вмешаност во нападите врз туниските политички челници во 2013 година.

Роден во Париз, Ал –Хаким прво се борел за Ал Каеда во Ирак од 2003 до 2004 година, а потоа година ѝ се приклучил на Исламската држава.

Осуден е на седум години затвор во Париз во 2008 година, поради учество во регрутирање на млади џихадисти од Франција во Ирак. Ослободен е на почетокот од 2011 година.

Неговата мрежа ја сочинувал и Шериф Куаши, еден од двајцата браќа кои ја нападнаа редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo на 7-ми јануари 2015 година во Париз, каде убија 12 луѓе.