Шпанската полицијата уапси во понеделникот четворица мажи кои се сомничат дека се дел од мрежата за илегална имиграцијата којашто ја користела екстремната сунитска организација Исламска држава (IS) за доведување џихадисти во Европа, а меѓу нив и лица вмешани во минатогодишните терористички напади во Париз.
Шпанските власти ги сомничат уапсените мажи дека биле во контакт со „барем еден“ од двајцата екстремисти уапсени во Салцбург во Австрија набрзо по терористичките напади од 13-ти ноември 2015 година, во кои беа убиени 130 луѓе, соопшти министерството за внатрешни работи во Мадрид.
Австриската полицијата ги уапси Алжирецот Адел Хадади и Пакистанецот Мохамад Усман на 10-ти декември минатата година во мигрантскиот центар во Салцбург поради поврзаност со џихадистичката ќелија којашто ги изврши нападите во Париз. Иследните веруваат дека Хадади и Усман на 3-ти октомври 2015 година заминале на грчкиот остров Лерос со чамец во кој имало уште две лица, за кои се смета дека се Ирачани, а кои се разнеле со експлозив во близина на парискиот стадион „Стад де Франс“ во текот на нападите.
Хадади и Усман од грчките власти биле притворени 25 дена бидејќи поседувале лажни сириски пасоши. Откако биле пуштени, тие го продолжиле патот по ткн балканска рута и пристигнале во Салцнург кон крајот на ноември истата година.
Четворицата мажи кои се уапсени во Шпанија во понеделникот, се сомничат дека се поврзани со синџирот за илегалната имиграција кој го организирал доаѓањето на Хадади и Усман во Европа, наведува тамошното министерство за внатрешни работи. Шпанските власти сега треба да утврдат дали овие четворица, чии идентитети не се објавени, исто така, се припадници на Исламската држава.
По париските напади, Шпанија ги засили истрагите против мрежите за илегална имиграција, за да „спречи нив да ги користат терористите за инфилтрирање во Европа“, се наведува уште во соопштението на министерството.