Тринаесет лица загинаа во пад на индонезиски воен авион во источниот дел на земјата во неделата, објавија власите за новата несреќа на воените сили.
Авионот од типот „Hercules C-130“ полетал од градот Тимке во покраината Папуа со 12 членови на екипажот и еден патник, меѓутоа се урнал во оддалечено планинско подрачје, кусо пред планираното слетување, соопштија претставниците на војската.
Покрај тројцата пилоти во авионот имало и осум техничари, навигатор и воен офицер, а превезувале храна и цемент. Спасувачките екипи ги лоцирале остатоците и набрзо го пронашле сите 13 тела.
Оваа несреќа е најновата во низата слични во индонезиската војска. Во ноември се урна воен хеликоптер на Борнео при што загинаа три лица, а пред тоа три лица загинаа во пад на хеликоптер на островот Јава. Дванаесет лица, пак, загинаа во март во хеликоптерска несреќа на Сулавези во централниот дел од Индонезија.
Најтешката несреќа се случи во 2015 година кога авионот од типот „Hercules C-130“ на индонезиската армија се урна врз населбата во градот Медан на островот Суматра кога загинаа 142 луѓе.