Во Барселона уапсени 16 членови на ткн „босански клан“

Во заедничка акција на шпанската полиција и Европол во Барселона биле уапсени 16 припадници на ткн „босански клан“, осомничени за трговија со луѓе и организиран криминал, пренесува телевизијата N1.

Уапсените се товарат дека насилно носеле жени од Босна и Херцеговина (БиХ), некои и малолетни, и ги терале за нив да крадат во туристичките подрачја на Шпанија. Криминалната група исто така организирала трговија со луѓе и размена од еден град во друг за износ од пет илјади евра. За време на акцијата биле евидентирани девет малолетни лица, затекнати во многу лоши хигиенски услови. Со помош на фалсификувани документи лицата од БиХ пристигнувале до Шпанија.

Жртвите на трговијата со луѓе завршувале во Италија, на југот од Франција или во Шпанија. Според истрагата, најверојатно мажите биле задолжени за грабежи на патнички возила и кампера, додека жените за џепни кражби. Организираната група имала јасно дефинирана улога на членовите, како и на задачите кои требало да ги извршат.