Во Алепо стивнаа борбите, Турција очекува бегалци

Стивнаа борбите во вторникот навечер во северниот сириски град Алепо и веќе неколку часа не се слушаат артилериски и минофрлачки детонации, пренесуваат агенциите, а Турција најави дека ќе постави шаторски логор за прифаќање на околу 80 илјади бегалци од порано над двомилионскиот град.

Претходно во текот на целиот вторник во Алепо продолжиле интензивните борби. На линијата на фронтот во источните квартови, кои беa сé уште под контрола на бунтовничките групи, се користеле минофрлачи и оружје со голем калибар. Агенциите јавуваат дека повеќе од еден час можеле да се слушнат само повремени истрели од пешадиско вооружување од позициите кои ги држат малубројните бунтовници.

Бунтовниците со претставниците на Русија, од нејзиниот Центар за национално помирување во Сирија, која е сојузни на сирискиот претседател Башар ал-Асад, договорија прекин на борбите за да можат да се извлечат цивилите и преостанатите борци на вооружената опозиција која ја поддржува Западот од преостанатите бунтовнички квартови каде што остануваат уште мали групи борци на радикалните исламистички групации. Првите автобуси за евакуација се очекуваат околу 5 часот утрото во среда по локално време.

Отпорот на бунтовниците во Алепо заврши во вторникот со согласноста на опозицијата во текот на примирјето да се повлече од третината од градот која под контрола ја имаше од 2012 година и речиси цел месец жестоката офанзива на сириската владина војска и сојузничките милиции.

Бунтовничките претставници објавија претходно дека борбите ќе завршат во вторникот вечерта, а нивните борци и цивилите кои беа во опсада во источно Алепо ќе го напуштат градот и ќе заминат во областите под контрола на опозицијата кои се западно од градот.

Предавањето или повлекувањето на бунтовниците од Алепо претставува крај на бунтот во овој град кој до почетокот на вооружениот бунт од март 2011 година беше најголемиот сириски град и финансиска престолнина на земјата, во која живееја многу арапски христијани.

Со разбивањето на последниот отпор во Алепо, сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговата коалиција во којашто се и руските воздухопловните сили, локални и шиитски милиции од Ирак и Иран, како и либанското шиитско движење Хезболах, според аналитичарите, најверојатно е направен пресврт во оваа граѓанска војна.

Истовремено постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин, на седмицата на Советот за безбедност изјави дека се прекинати сите борбени операции во источно Алепо.

„Најпоследната информација којашто ја добивме во текот на последниот час, е дека воените дејствија во источно Алепо се прекратени“, изјавил Чуркин. Според дипломатот „сириската влада ја воспоставила контролата над источно Алепо“ и „во моментов започнуваат хуманитарните активности“,

Чуркин додал дека милитантите, заедно со членовите на нивните семејства и ранетите ги напуштиле источните квартови на градот преку договорените коридори кон места кои самите ги одбрале, вклучително и кон соседната покраина Идлиб. .

Турските власти најавија дека ќе постават шаторски град за прифаќање на 80.000 бегалци од Алепо. Во Турција во моментов се наоѓаат околу 2,7 милиони Сиријци, поради што заменикот премиер Мехмет Шимшек на Twitter истакна дека неговата држава е дом на најмногу беглаци во светот.