Убиецот на рускиот амбасадор во Турција бил полицаец

Рускиот амбасадор во Турција бил убиен од страна на полицаец кој извикувал „Не го заборавајте Алепо“, пренесуваат во понеделник вечер агенциите.

Зад нападот на рускиот амбасадор, се тврди од турски безбедносни извори, стои полицаец што работел во Анкара, објави Reuters.

„Напаѓачот е полицаец“, објави потоа на твитер градоначалникот на Анкара, Мелих Ѓокчек.

Дневниот весник Yeni safak тврди дека напаѓачот со иницијали М.М.А. бил припадник на специјалната полиција.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи ја потврди смртта на Андреј Карлов.

„Денеска во Анкара, како резултат на напад, рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов претрпе повреди од кои почина“, рече портпаролката, при тоа додавајќи дека тие сметаат оти станува збор за терористички чин.

Агенцијата Анадолија јави дека напаѓачот, кој на изложбата насловена „Русија во очите на Турците“ дошол елегантно и свечено облечен во одело и вратоврска, бил „неутрализиран“ веднаш по нападот.

Видео снимката покажа дека Карлов држел говор кога одекнале истрели. Камера потоа се свртела и го снимила мажот како мавта со пиштолот и ја извикува исламистичката фраза „Allahu Akbar“(Господ е голем“ и „не го заборавајте Алепо“.

„Извади пиштол и го застрела амбасадорот стоејќи му зад грб“, рече очевидец на настанот.

Американскиот Стејт департмент го осуди нападот, што следи по само еден ден од протестите во Турција против улогата на Русија во Сирија.