Турски воени аташеа побарале азил во Хрватска

Двајца турски воени аташеа побарале политички азил во Хрватска, додека доскорешниот турски амбасадор во Загреб е повлечен од позицијата поради тоа што бил „лице од доверба“ на поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу, пишува загрепскиот весник Вечерњи лист.

Повикувајќи се на извори од турското министерство за надворешни работи, весникот наведува дека доскорешниот амбасадор Ахмет Тута бил повлечен од амбасадорското место поради тоа што не пријавил дека пред 25 години бил запишан во едно од школите на протераниот проповедник Фетула Ѓулен во Турција, иако според законот по пропаднатиот обид за воен удар во јули годинава тој морал да го направи тоа.

Според овие извори на Вечерњи лист, Тута веќе не е на државна функција во Турција, но не е нити уапсен, како што навеле некои хрватски медиуми. И дипломатските извори кои во Хрватска биле во добри односи со семејството на Тута за Вечерњи лист изјавил дека до 10-ти септември се слушале со нив, додека тие биле во Измир.

Претседателот на Здружението на хрватско-турското прјателство, Горан Беус Рихемберг за Вечерњи лист изјавил дека уредно се поздравил со турскиот амбасадор и неговото семејство кон крајот на август во Загреб, бидејќи тие имале авионски лет за враќање во Турција на 27-ми август.

„Се случи нормална процедура на повлекување на амбасадор од една земја. Вистина е дека им беше жал поради тоа што на половина мандат мораа да се вратат во Турција“, рекол Беус по повод пишувањата на неколку хрватски медиуми дека судбината на доскорешниот турски амбасадор е непозната.

За разлика од Тута, пак, двајца турски воени аташеа кои за време на обидот за воен удар се наоѓале во Хрватска, соработувајќи во рамки на мисија на НАТО, одбиле да се вратат во Турција поради страв дека ќе бидат уапсени и побарале политички азил во Хрватска.

Повикувајќи се на независни дипломатски избори, загрепски Национал во вторникот обајвил дека најмалку еден турски дипломат кој до летото бил на функција во Загреб се смета за исчезнат, додека „непознато е што се случи со неодамнешниот турски амбасадор Ахмет Тута и неговата сопруга Мина Тута“. Весникот објавил дека се работи за „брутална одмазда на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по неуспешниот обид во јули за воен удар во Турција“.