Тројца играчи и претседателот останаа во Бразил, тоа им ги спаси животите

Тројца играчи од екипата која на Шапикоенсе му го донесе историскиот пласман во финалето на Копа Судмаерикана, од разни причини не беа меѓу патниците кои патуваа со авионот кој се урна во близина на Меделин.

Марсело Бок требало да биде во авионот со останатите фудбалери, но не отпатувал поради роденденот. Имено, вчера голманот го прославил 32 роденден, а бидејќи е трет голман клубот му дозволил да остане во Бразил за да може во кругот на семејството да го прослави роденденот.

„Кога разбрал што се случило веднаш со семејствоот се упатил кон стадионот. Таму се и другите двајца фудбалери кои не отпатувале за Колумбија. Разговарав со него, многу му е тешко“, рекол менаџерот на Бок.

Голманот оваа сезона се вратил во Бразил, откако девет години бил во Португалија во Маритимо и Спортинг Лисабон.

Неверојатна среќа имал и единствениот странец во клубот, Аргентинецот Алехандро Мартинучио. Тој поради повреда останал во Бразил.

„Помолете се за моите пријатели“, рекол Мартинучио.

Интересно поради повредите тој бил на пат да ја заврши кариерата, во април годинава не успеал да ги мине лекарските прегледи во Понте Прета. Откако му биле направени операции на двете колена тој успеал да му се врати на фудбалот во дресот на Шапикоенсе.

Во авионот не бил ниту 21-годишниот Матеус Сароли, син на тренерот Каио Жуниор. Тој на Facebook објавил дека не можел да влезе во авионот бидејќи го заборавил пасошот.

Неговиот татко Каио Жуниор пред пет дена кога неговиот тим го елиминира фаворизираниот Сан Лоренцо и се пласира во финалето на Копа Судамерикана рекол: „Да умрев денеска, ќе умрев како среќен човек“.

Претседателот на клубот Плинио Давид де Нес Фиљо до последен момент размислувал дали да оди со тимот. Решил да не патува и таа одлука му го спасила животот.

„На тој лет беа моите пријатели. Тоа не беше обична група на луѓе која се почитува меѓусебно, тоа беше вистинско семејство. Живеевме во хармонија опкружени со среќа. Пред да влезат во авионот ми рекоа дека одат сништата да ги претворат во јаве. Сонот денеска е готов“, рекол Нес Фиљо.