Избраниот американски претседател Доналд Трамп ги нарече во средата нападите во Берлин и во Анкара „грозни“ и истакна дека се покажало дека е во право во врска со неговите идеи од кампањата да го регулира мигрирањето на муслиманите во САД.
„Тоа што се случува е грозно, грозно“, изјави Доналд Трамп за новинарите запрашан да го коментира нападот со камион на божикниот базар во германската престолнина Берлин во кој беа убиени 12 луѓе и убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов во турската престолнина Анкара, кои се случија во понеделникот вечерта.
Исламската држава ја презема одговорноста за берлинскиот напад, а атентаторот врз рускиот дипломат извикувал исламистички пораки во врска со војната во Сирија, а сириската екстремна исламистичка групација Џаиш ал-Фатах ја презема одговорноста за тој чин.
Трамп новинарите го прашаа во неговото одморалиште Мар-а-Лего во Палм Бич на Флорида дали споменатите злосторства од понеделникот ќе влијаат на неговото размислување за воведување забрана за влегување на муслиманите во САД или за регистар на имигранти од муслиманските земји.
„Ги знаете моите планови. Цело време се покажува дека сум во право, сто проценти во право. Ова што се случува е срамотно“, додаде Трамп.
Во текот на својата предизборна кампања Трамп повика на привремена забрана за влез во САД за муслиманите додека како средство за борба против тероризмот, што доведе до жестоки критики во земјата и во странство. Подоцна го преформулира ставот во предлог за привремено прекинување на миграцијата од регионите кои се сметаат за извозници на тероризмот и каде не можат да се извршат проверки.
Уште во понеделникот Трамо за нападот во Берлин ја обвини Исламската држава и другите исламски милитанти кои „постојано вршат масакри над христијаните во нивните заедници и на местата на богопочитување како де од нивниот светски џихад“.
Запрашан за споменувањето на христијаните, новиот американски претседател во средата го прошири својот одговор. „Тоа е напад врз човештвото и мора да биде запрен“, додаде Трамп.
„Тоа што се случува е срамотно“, повтори Трамп додавајќи дека не разговарал со претседателот на заминување Барак Обама од нападите во Берлин и во Анкара.
Трамп е критичен кон Обама и неговата демократска противкандидатка на изорите, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, честопати дури нарекувајќи ги дури и „творци“ на џихадистичката Исламска држава. Според него тие биле нерешителни да ја одредат исламистичката милитантност како опасност.
Трамп во средата го добил претседателскиот брифинг, најдоверливиот и строго чуван владин документ, соопшти неговиот преоден тим. Претходно тој јавно изрази сомневања во некои заклучоците на американската разузнавачка заедница, а информациите ги добива еднаш седмично, далеку поретко отколку новоизбраните претседатели во минатото, изјави висок функционер запознаен со тоа.