Јужнокорејските обвинители во средата извршиле рација во канцелариите на технолошкиот гигант Самсунг, поради наводна вмешаност во скандалот со претседателката Парк Гуен-хе, пренесува Reuters.
Обвинителите исто така извршиле рација и во најголемиот јужнокорејски пензиски фонд, Националната пензиска служба (НПС), а според агенцијата Yonhap, овој фонд бил вмешан во спојувањето на јужнокорејските компании Самсунг Ц&Т Корп и Шеил Индустрис, вредно осум милијарди долари.
Рациите посочуваат дека обвинителите сега ја прошируваат својата истрага на корупцискиот скандал кој ја тресе земјата, односно поврзаноста на претседателката Парк со големите бизниси.
Од Самсунг потврдиле дека нивните канцеларии биле посетени од страна на обвинителите, без да соопштат повеќе детали. Претседателката Парк последниот месец е под истрага дека заедно со својата блиска пријателка Чои Сун-сил, несоодветно вршеле притисок врз големите компании во земјата, вклучувајќи го и Самсунг, да обезбедат средства за фондациите на Парк кои промовирале културни и спортски заедници.
Парк, чиј мандат завршува во февруари 2018-та, ги одби повиците за оставка и двапати упати извинување до јавноста, порачувајќи дека „го правела она што било добро за економијата на земјата“. Во земјата, а особено во Сеул, деновиве се одржуваат масовни протести против јужнокорејската претседателка, а на последниот протест во јужнокорејската престолнина учествуваа близу половина милион лица, пренесуваат тамошните медиуми.