Бунтовниците опколени во Хан ал-Шеик, едно од нивните последни силни упоришта југозападно од сириската престолнина Дамаск, каде што беа опколени од владините сили, во понеделникот ги соопштиле условите за нивното предавање, пренесува весникот al-Watan, повикувајќи се на воени извори.
Според тие услови, припадниците на екстремната исламистичка групација Џебхат Фатах ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра сириското крило на Ал Каеда, ќе ги напуштат своите позиции во областа, и притоа ќе го предадат на владините сили целокупното вооружување со коешто располагаат.
Владините сили го опколија предградието Хан ал-Шеик, на 26 километри од Дамаск, на почетокот од октомври. Во изминатите неполни два месеца бунтовниците, на коишто им беше пресечен правецот за отстапување кон јорданската граница, неколкупати се обидоа на неколку правци да го пробијат обрачот, употребувајќи притоа жесток артилериски оган врз позициите на сириската војска. Сепак, ниеден милитант не успеал да се извлече од опсадата, и сé повеќе биле потискани кон внатрешноста на градот притоа претрпувајќи значителни загуби, пишува весникот.
Мината седмица сириската армија откри во близина на градот мрежа од подземни тунели, во должина од околу 700 метри. Нив џихадистичките борци ги користеле за чување и транспортирање оружје и муниција за извршување диверзии во југозападните квартови на Дамаск.
Според информациите на al-Watan, пред неколку дена војската ја преземала контролата врз една од фармите на периферијата од Хан ал-Шеик, заробувајќи група бунтовници. Во извештајот се додава дека по испитувањата, бунтовничките борци ја откриле тајната мрежа тунели, која го поврзувала градот со населбата Марана во областа Западна Гута.
Во сирискиот конфликт кој започна во март 2011 година, според Обединетите нации загинале околу 300.000 Сиријци, додека според Сириското централно биро за статистка, вкупната бројка жртви се движи околу 105.000 државјани на Сирија. Според вторите показатели, загубите на сириската армија и провладините милиции се движат околу 45.000 луѓе, додека убиени се 24.000 припадници на опозициските и радикалните исламистички групации, со потекло од Сирија, додека животите ги загубиле 36.000 цивили.
Официјален Дамаск тврди дека поголем дел од жртвите меѓу цивилното населени се резултат од операциите на бунтовничките и џихадистичките групи, додека западните и другите земји од регионот кои ги поддржуваат разединетите бунтовнички групи за тоа ги обвинуваат силите под контрола на сириската влада.
Околу 18.000 загинати на сириското боиште се странски платеници кои се борат на страната терористичките групации, а според западните разузнавачки служби, потекнуваат од повеќе од 80 земји во светот.