Директорот на ЦИА го предупредил новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ставање крај на нуклеарниот договор со Иран би било „катастрофално и лудо“.
Во интервју за БиБиСи, Џон Бренан, исто така му порачал на новиот претседател да биде претпазлив кон ветувањата на Русија, обвинувајќи ја Москва за голем дел од страдањата во Сирија.
За време на кампањата, Трамп се закани дека ќе се откаже од договорот со Иран и исто така, навести и потесна соработка со Русија.
Бренан, кој веќе четири години е на чело на ЦИА, ќе се повлече од функцијата во јануари.
Во првото интервју на директор на ЦИА за британски медиуми, Џон Бренан наведе голем број области во кои, како што рече, новата администрација треба да дејствува со „мудрост и дисциплина“ – тука се вклучени јазикот кој се користи во врска со тероризмот, односите со Русија, Иран, нуклеарниот договор и начинот на кој се користат тајните капацитети на ЦИА.