САД во Сирија испраќаат уште 200 војници

Американскиот министер за одбрана Ештон Картер најави во саботата дека неговата земја ќе испрати во Сирија уште двесте војници коишто на тамошна вооружена опозиција треба да ѝ помогнат северниот град Рака да го ослободат од џихадистичката група Исламска држава.

„САД ќе испратат во Сирија уште двесте војници, припадници на специјалните сили, инструктори, советници и стручњаци за експлозиви“, изјави челникот на Пентагон, Ештон Картер во говорот одржан на форумот за регионална безбедност во Манама, во Бахреин, пренесува AFP.

Тие војници ќе се приклучат на групата од триста американски специјалци кои во Сирија се испратени како советници на арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (FDS) кои започнаа офанзива за ослободување на Рака од Исламската држава. Американските војници на копното, покрај тоа, ги наведуваат воздушните удари на меѓународната коалиција предводена од САД.

Арапсло-курдската коалиција извести дека ја завршила првата фаза од операцијата и дека е на 25 километри од Рака.

Покрај офанзивата на Рака во Сирија, САД учествуваат и во помош на ирачките сили кои водат офанзива врз Мосул, на северот од Ирак,

„Тоа е тешка задача за која е потребно време , но сигурен сум дека се изброени деновите на Исламската држава во Мосул“, коментираше Картер.

Одговарајќи на прашањето „каква е иднината на Исламската држава ако падната овие два града кои ги контролира“, американскиот министер за одбрана рече „Мораме да бидеме подготвени на сé“. Стручњаците оценуваат дека екстремистичката група би можела да посегне по воена тактика која вклучува самоубиствени напади и молскавични напади за да ја продолжи нестабилноста,

Картер допатува во Бахреин од Авганистан, и ова му е последно патување пред да ја предаде должноста на својот наследник, пензионираниот генерал Џејмс Матис.