Отпечатоци од прстите на Анис Амри, 24-годишниот Тунижанец осомничен за нападот на божикниот базар во Берлин во понеделникот вечерта кога беа убиени 12 и повредени 48 лица, се пронајдени на вратата од камионот, пренесуваат во четвртокот германските медиуми.
Отпечатоците од прстите на осомничениот се откриени на вратата од возачот на камионот регистриран во Полска, пишува дневниот весник Sueddeutsche Zeitung. Од друга страна Berliner Zeitung пренесува дека отпечатоци се пронајдени и на воланот од возилото. Медиумите не ги именуваат своите безбедносни извори на тие информации, а полицијата одби да ги коментира написите, пишуваат Reuters.
Полицијата започна потрага по Амри откако пронашле негови лични документи од седиштето на камионот, а телевизијата RBB пренесува дека тој во бегство од местото на злосторството го загубил и својот паричник и мобилниот телефон.
Исламската држава ја презема одговорноста за овој најкрвав напад на германската почва од 1980 година. Нападот предизвика загриженост во европските држави во пресрет на Божикните празници, поради што е зајакната безбедност на континентот.
„Ширум државите се спроведуваат потраги и истраги“, открива за AFP портпаролот на германскиот антитерористичкиот оддел на обвинителството.
Јавната телевизиска мрежа WDR претходно потврди дека е извршен претрес во еден стан во Дортмунд, додавајќи дека полицијата уапсила четири лица. Според извештаите на телевизијата N-TV, четирите апсења биле поврзани со осомничениот Анис Амри.
Портпаролот на главното германско федерално обвинителство ги отфрлил овие медиумски извештаи, додавајќи дека не сака да открива повеќе информации за да не ја загрози истрагата, пренесува Reuters.
Амри во Германија дошол во јули 2015 година, од Италија каде што дошол како бегалец од Тунис во 2011 година, и каде што поминал извесно време во затвор поради криминални активности.
Мајката го повика да им се предаде на германските власти, пренесува агенција DPA.
„Ако мојот син стои зад нападот, јас се откажувам од него“, изјави Нур ал-Худа, мајката на Анис Амри, во разговор за тунискиот дневен весник al-Chourouk.
„Разговарав со него пред неколку дена. Ми испрати подароци и пари“, истакнува ал-Худа, додавајќи дека нејзиниот син сакал да се врати во Тунис, за да го реши својот правен статус во татковината околу претходни тужби за кражба на камион.