Поранешниот директор на американската Централно разузнувачка агенција (ЦИА) Дејвид Петреус, во средата, навестил дека би прифатил понуда од новоизбраниот претседател Доналд Трамп да служи во неговата администрација.
Петреус, пензиониран американски генерал, запрашан во интервју за британско радио БиБиСи: „дали би се согласил да биде во Трамповата администрација?“, одговорил:
„Порано сум бил во ситуација кога претседателот ми се обратил во Овалната соба во тешки моменти и ми рекол дека од мене бара како претседател и главен командант да ја преземам командата над безбедносните сили во Авганистан“.
Единствениот одговор може да биде „Да, господине претседателе,“ истакна Петреус, пренесува The Telegraph.
Генералот Петреус беше генерал со четири ѕвездички во Армијата на САД и ги надгледуваше меѓународните сили во Ирак и Авганистан. Тој подоцна беше именуван за директор на ЦИА од претседателот Барак Обама.
Wall Street Journal објави дека Петреус, кој поднесе оставка во 2012 година поради вонбрачна афера која излезе во јавноста, е можен кандидадт за министер за одбрана.