Пет жртви во експлозија на воз цистерна во Бугарија

Товарен воз кој пренесувал 26 цистерни со пропан бутан излетал од шините кај местото Хитрино во Шуменската област при што дошло до пожар и експлозија во која најмалку пет лица ги загубиле животите, соопштија во саботата локалните власти.

Градоначалникот на Хитрино, Нуридин Исмаил за медиумите ја потврди утрото петтата жертва, 18-годишно момче, и истакна дека од дваесетте повредени три се во критична состојба. Уште една жена се води како исчезната, која не е уште пронајдена под остатоците од нејзината куќа. Медиумите пренесуваат дека во местото уште горат некои од куќите.

Несреќата се случила околу 5,37 часот во саботата по локално време, кога возот влегувал во железничката станица во Хитрино. Локалното население е евакуирано, а на справувањето со пожарот ангажирани се 150 пожарникари.

Засега не се познати причините за несреќата, соопштија надлежните власти.