Градските власти на кинеската престолнина Пекинг наредија во саботата затворање или ограничување на работата на 1.200 фабрики, вклучително и државната нафтена рафинерија и фабриката за храна, поради најголемото можно ниво на предупредување од загадување на воздухот.
Пекиншките власти прогласија аларм во петокот вечерта поради смогот кој го зафатил целиот север на Кина и најавија дека предупредувањето ќе трае до среда.
Тоа значи ограничувања во сообраќајот и во градежниот сектор, како и можно затворање на училиштата и градинките, и некои здравствени установи.
Втората најголема економија во светот со соочува со загадувањето коешто е последица на забрзаниот економски раст изминатите децении.
Властите на Пекинг на почетокот од 2016 година најваија дека ќе затворат околу 2.500 мали компании загадувачи во борбата против загадувањето на воздухот.
Загадувањето во Кина е многу чувствителна тема, и секоја година се одржуваат илјадници протести поради загриженоста во врска со еколошките проблеми на најмногубројната нација на планетата.
Покрај главниот град, и најгусто населениот кинески град Шангај, исто така, се бори со тешкото загадување на воздухот. Кон крајот на ланската година, кинеските власти издадоа предупредување за големи концентрации на штетни материи во воздухот за 50 градови во северниот и источниот дел од земјата.
Последните години Кина бележи исклучително високо ниво на загадување на воздухот, особено во североисточниот дел, кој е индустрискиот центар на втората според обемот светска економија.