Агенцијата на Обединетите нации за човекови права со седиште во Женева, обвини во петокот дека милитантите преостанати во источните квартови од северниот сириски град Алепо го блокираат извлекувањето на цивилите кон квартовите кои се под контрола на владините сили.
„Некои од цивилите кои се обидуваат да излезат, според извештаите наводно се блокирани од страна на вооружените опозициски групи“, изјави портпаролот Руперт Колвил во петокот во седиштето во Женева, пренесе Reuters.
„Додека е многу тешко да се тврдат фактите во така нејасна и опасна ситуација, примивме и вознемирувачки обвиненија за исчезнување на мажи кои минале на областите под контрола на владините сили“, додал Колвил.
ОН стравуваат дека во деловите од Алепо кои се под контрола на бунтовниците, коишто сé повеќе се намалуваат, во незавидна ситуација се наоѓаат повеќе од 100.000 цивили. Светската организација, исто така, стравува и дека бунтовниците од групацијата Џебхат ал-Фатех ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра сириското крило на Ал Каеда, го спречила обидот на некои цивили од квартовите во кои има борбени дејствија, што би можело да се карактеризира како воено злосторство, пренесува AFP.
Изјавата следеше неколку часа откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, откако претходно во четвртокот неочекувано во Хамбург објави дека сириската војска ги сопрела борбените дејствија во Алепо за да можат од опсадените населби да се извлечат цивилите и опозициските борци кои тоа го сакаат, во петокот објави дека сириските владини сили ја суспендирале таквата одлука, и дека ќе продолжат со нападите.
„По хуманитарната пауза, ударите продолжија и ќе продолжат сé додека во Алепо има бандити“, изјави Лавров во Хамбург каде што присуствува на дводневната седница на советот на шефовите на дипломатите на ОБСЕ.
Бунтовниците се скептични пред ветувањата на сириската влада и нејзиниот руски сојузник за амнестија на оние кои доброволно ќе го положат оружјето, пред конечното губење на нивното најзначајно упориште во Алепо. Коментаторите сметаат дека конечниот пад на бунтовниците во источно Алепо е неминовен, и оти тоа ќе претставува пресврт во полза на владата на претседателот Башар ал-Асад во граѓанскиот суди кој започна во март 2011 година.