Американскиот претседател на заминување БаракОбама изјави во петокот вечерта дека го предупредил рускиот претседател Владимир Путин во септември да го запре мешањето во американската претседателска кампања по хакирањето на серверите и електронската пошта на неговата Демократска партија пред претседателските избори на 8-ми ноември, и оти потоа повеќе не видел докази за руско мешање.
На предбожикната прес-конференција за новинарите, американскиот претседател БаракОбама, кој ќе ја напушти должноста на 20-ти јануари, тврдеше дека на почетокот на септември на маргините од самитот на групата Г20 кој се одржа во кинески Хонгжу, во текот на средбата „очи в очи“ му рекол на рускиот колега по должност Владимир Путин „да престане“.
Обама додаде дека по предупредувањето што му го упатил на Путин немало натамошни докази за руското вмешување, пренесува Reuters.
Кремљ сé уште не ја коментираше оваа изјава на Обама. Ваквите обвинувањата руските претставници повеќепати ги отфрлија и ги нарекоа апсурдни. А Вашингтон, иако официјално ја обвини Москва за хакерски упади во компјутерските системи на Демократската партија, чијашто кандидатка ХилариКлинтон беше поразена од републиканецот ДоналдТрамп кого го обвинуваа за блискост и симпатизирање на рускиот претседател Владимир Путин, никогаш не презентираше докази,
Претходно во петокот помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, изјави за новинарите во Токио дека Путин на маргините на самитот Г20, во септември, на Обама му го објаснил ставот на Русија по ова прашање, јави агенцијата ТАСС. „Разговараа во четири очи на разни теми, вклучувајќи ја и оваа тема. Нашата страна даде мошне јасен одговор што можеби не се совпадна со она што Обама се обидуваше да ни го објасни“, изјави Ушаков.
Двајца неименувани американски владини функционери изјавиле да Reuters дека Федералното биро за истраги (FBI) го поддржува ставот на Централната разузнавачка агенција (CIA) дека Русија се вмешала за да му помогне на ДоналдТрамп да ги добие изборите.
Обама, наводно, ја оставил можноста за американска одмазда против Русија за да ја обесхрабри и неа и другите земји од натамошни кибернетички напади.
Рече дека е длабоко убеден дека хакирањето на функционерите и институциите на Демократската партија, што во јавноста изнесе непријатни сознанија и предизвика серија смени на челниците во партиските тела на национално ниво, ги извела Русија по налог на високи руски функционери.
„Разузнавачките податоци коишто ги видов ми дават голема верба во нивната процена дека Русите го извеле ова хакирање“рече Обама.
На почетокот од седмицава, на ваквите информации за наводните сознанија на CIA, соработниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп веднаш ги отфрлија заклучоците на CIA истакнувајќи дека аналитичарите кои ги донеле „се истите оние кои зборуваа дека (поранешниот ирачки претседател) Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување“, отфрлајќи ги уште еднаш нападите на демократите дека Москва влијаела во полза на неговата победа..
Обама рече и дека се надева оти Трамп ќе биде исто така загрижен поради руските акции, како и дека истрагата не треба да стане „политички фудбал“меѓу републиканците и демократите.