Американскиот претседател Барак Обама во изборната ноќ телефонски разговарал со својата поранешна државна секретарка Хилари Клинтон која во тој момент беше кандидат за негов наследник од Демократската партија, за да ја убеди да го признае изборниот пораз, пишува изданието Hill.
За овој телефонски разговор, според написот, се зборува во се уште необјавената книга на издавачката куќа „Crown Publishing“ за изборниот пораз на Хилари Клинтон, чии автори се доајените дописници од Белата куќа на весникот, Ејми Парнс и Џонатан Ален .Авторите притоа се повикуваат на три различни извора од опкружувањето на Клинтон, кои сакале да останат анонимни.
„Треба да го признаете поразот“, рекол претседателот Обама во телефонскиот разговор со Клинтон, во моментите кога нејзините главни помошници ги очекувале резултатите од гласањето во клучните сојузни држави Мичиген, Висконсин и Пенсилванија. Откако во 1,30 часот по локално време се појави прогнозата на Associated Press за победата на републиканецот Доналд Трамп во Пенсилванија, каде што Клинтон очекуваше победа, поранешната прва дама му се јавила на Трамп.
„Имаше многу дискусии за државите Мичиген и Висконсин, се разгледуваше дали бројките може да се пресвртат“, го цитира весникот еден од своите соговорници. Според неговото тврдење, без одреден притисок Клинтон би можела и да не му се јави и да му честита на Трамп, бидејќи конечните податоци покажуваа дека кандидатите се речиси изедначени.
Претходно група експерти за кибернетичка безбедност изјавија дека хакери можеле да пробијат во системот за гласање во Висконсин, Мичиген и Пенсилванија, и ѝ предложија на Клинтон да настојува на пребројување на гласовите.
Во две од трите држави, Пенсилванија и Висконсин, избраниот претседател Трамп ја победи Клинтон со минимална предност, добивајќи вкупно 30 електорски гласови.
Кандидатката на претседателските избори од партијата на зелените, Џил Стајн, поднесе барање до изборната комисија во Висконсин за пребројување на гласовите во оваа сојузна држава. Самата таа беше многу далеку од каков и да е солиден резултат во ниедна од овие три држави, но изјави дека сака да добие поточни резултати.
Како што соопшти во неделата советникот на Клинтон за правни прашања, адвокатот Марк Елијас, демократката ќе учествува во пребројувањето на гласовите во Висконсин, доколку Џил Стејн го спроведе она што го најави и побара пребројување и во Пенсилванија и во Мичиген, и во тие држави така ќе постапат.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, од своја страна ги оцени како смешни барањата на Џил Стејн, повторно да се пребројат гласовите во сојузната држава Висконсин.
„Народот се изјасни и овие избори завршија. „Како што Хилари Клинтон самата кажа во изборната ноќ, признавајќи ја победата и честитајќи ми: ’мораме да го прифатиме овој резултат и де се свртиме кон иднината’“, соопшти Трамп во писмената изјава./крај/мф/сн