Неочекуван пресврт: Меркел бара забрана на бурки

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјасни во понеделникот за забрана на целосно покривање на лицето, секаде каде тоа би било законски возможно, пренесува германски Tag 24.

Таа нагласи дека „целосно прекривање на лицето не е прикладно во Германија“.

„Кај нас важи правилото дека лицето треба да се покаже, и со самото тоа, потполното прекривање не е примерно и треба да се забрани секаде кај што е законски можно,“ изјави Меркел денес на заседанието на CDU во Есен, на големо одушевување на околу 1,000 делегати. Така, CDU ќе забрани носење бурка во судовите, во тек на полициски контроли и во сообраќај.

Сепак, за да не дојде до забуна, канцеларката не предложи забрана на буркини (вид костим за капење) кои ова лето станаа многу популарни на плажите во Европа, ниту носење на вел и хиџаб, туку исклучиво муслиманска марама која го прекрива целото лице како што е бурката (фереџе) или никаб.

Истовремено, канцеларката остро ја критикуваше агресивноста како и пораките на омраза на интернет.

„Понекогаш се добива впечаток дека некои луѓе кои одамна живеат во Германија под итно треба да се запишат на курс за интеграција“, изјави Меркел и ги повика корисниците на социјални мрежи да се однесуваат со почит еден кон друг.

На интернет „паѓаат сите огради на начин на кој никогаш не би можела да го замислам“.

„На тоа мора да кажам: Вака не може!“ заклучи канцеларката.