Најмалку 13 убиени и 48 ранети во експлозија во турски Кајсери

 

Тринаесет војници се убиени а уште 48 се ранети во саботата во бомбашки напад во градот Кајсери во централна Турција, соопшти војската.

Повторно цел на напад бил автобус со кој се превезувале војници кои биле на отсуство, од штабот на специјалните сили во Кајсери, се наведува во соопштението на турската армија,

Во автобусот имало војници во служба и цивили, а бил нападнат во близина на постојка кај универзитетскиот кампус, пренесуваат медиуми.

Турската новинска агенција Dogan наведува дека експлозијата е предизвикана со автомобил бомба. Според привичните сознанија, возачот на минираниот автомобил се доближил до автобусот кој застанал на постојката, и го активирал експлозивот.

Овој напад доаѓа едена седмица откако 44 полицајци загинаа во бомбашки напад во Истанбул, кои исто така се превезуваа со автобус по обезбедување на фудбалски натпревар.

За минатонеделниот напад одговорноста ја презема екстремната терористичка групација Курдски соколи на слободата (ТАК).