Единаесет земји членки на НАТО испратија 4.000 војници во Литванија, најголемата балтичка земја, да учествуваат во годинешната воена вежба Железен Меч (Iron Sword), објави Russia Today (RT), додавајќи дека воените игри имаат за цел да го тестираат капацитетот за брзо распоредување голем број војници.
Вежбата, што започна во неделата и треба да трае до 2 декември, вклучува тренинг на две различни места во Литванија.
„Овој пат вежбата поставува нови неочекувани предизвици пред нашата армија. Ние мора да ги подготвиме единиците и нивните команданти ефикасно да одговорат на конвенционални воени закани”, изјави генералот Валдемар Рупсис, командант на копнените сили на Литванија, на конференција за новинари непосредно пред вежбата.
Оваа година маневарот Железен Меч, трет по ред но најголем досега, вклучува речиси 4.000 војници од САД, Велика Британија, Германија, Канада, Полска, Романија, Словенија, Луксембург, и трите балтички држави (Литванија, Летонија, Естонија).
На вежбите во последните две години учествуваа 2.500 и нешто повеќе од 2. 000 војници.
Војниците ќе се обучуваат да извршуваат офанзивни и дефанзивни операции, брзо распоредување, како и други задачи, соопшти Министерството за одбрана на Литванија.
НАТО одвојува дополнителни воени средства во Источна Европа и спроведува интензивирани тренинзи таму, тврдејќи дека се неопходни за да се спречи она што алијансата го нарекува „руска агресија“.
Меѓутоа, Москва негира закани кон своите соседи и вели дека Алијансата го користи тоа како изговор за да го оправда зголемувањето на воените трошоци и приближувањето кон руската граница, пренесува RT.