Mercedes на работниците им плаќа да останат здрави

Германскиот автомобилски концерн „Daimler“ во иднина на своите работници ќе им исплатува специјален бонус доколку ретко изостануваат од работното место поради здравствени причини, и истовремено воведува бесплатен здравствен преглед за превенција и рано откривање на заболувања.

„Се договоривме, земајќи ги предвид сите интереси, дека покрај воведувањето бесплатен систематски преглед да се согласиме и на исплатување бонус во случај на ретко одење на боледување“, изјавил претседателот на работничкиот совет на „Daimler“, Михаел Брехт, по потпишувањето на договорот во петокот.

Од концернот во чии рамки е и „Mercedes“, на работниците коишто во текот на годината не изостанале од работа поради болест ќе им исплаќаат бонус во износ од 200 евра.

Но критичарите во оваа програма гледаат опасност од прикривање на здравствената состојба од страна на работниците, бидејќи сега се зголемила мотивираноста да доаѓаат на работа и покрај нарушената здравствена состојба.

„Финансиските поттикнувања можат работниците да ги наведат на тоа и покрај болеста да доаѓаат на работа. Во некои случаи тоа може да предизвика влошување на здравствената состојба“, изјави челникот на Сојузот на специјалистите на медицината на трудот, Волфганг Пантер за дневниот весник Frankfurter Rundschau.

Концернот „Daimler“, во споредба со другите автомобилски компании, е познат и по високите годишни бонуси кои се одредуваат според добивката на компанијата. Така, оваа година работниците на „Daimler“, според информациите на весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung, ќе добијат бонус во износ од 5.625 евра.