Лавров објави прекин на сириските операции во Алепо, нови преговори со САД во сабота

Сириската војска ги прекинала борбените операции во северниот град Алепо за да се овозможи извлекување на цивилите од квартовите во кои се наоѓаат остатоците од бунтовничките групи, изјави во четвртокот во Хамбург рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Можам да ви кажам дека денеска на истокот од Алепо се прекинати борбените операции на сириската војска, бидејќи во тек е големата операција на извлекување на цивилите“, изјавил шефот на руската дипломатија Сергеj Лавров, на маргините од заседанието на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во германски Хамбург, пренесе агенцијата ТАСС.

„Осум илјади луѓе ќе бидат извлечени преку коридорот долг пет километри“, додал Лавров. Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролот на Белата куќа, Џошуа Ернест овени дека тоа претставува „знак дека би можело нешто позитивно да се случи“, пренесува AFP.

Лавров, покрај тоа, најавил и дека руско-американските воени и дипломатски преговори ќе се одржат во сабота во Женева, „за да се доврши работата (…) на изнаоѓањето решение за проблемот во источно Алепо“. На тие преговори ќе се разговара за плановите за извлекување на бунтовничките борци и цивилите кои тоа го сакаат, додал шефот на руската дипломатија.

Сергеј Лавров и неговиот американски колега Џон Кери, по повлекувањето на планот и одложувањето на разговорите од американската страна, во четвртокот кусо разговараа при нивната средба во Хамбург, но неименуван американски челник за Reuters изјави дека немало „напредок, ниту заклучоци во врска со Алепо“.

Објавата на Лавров во врска со Алепо дојде, откако во средата шест западни земји, меѓу кои и САД, побараа „моментален прекин на огнот“ поради „можна хуманитарна катастрофа“ во вториот по големина град во Сирија, повикувајќи ги Русија и Иран „да го искористат своето влијание“ врз сириската влада за да се постигне тоа.

Москва оцени дека станува збор за обид на опозициските и радикалните исламистички бунтовници во Алепо да им се даде време да здивнат и да се прегрупираат, откако претходните денови загубија 60 отсто од територијата којашто ја контролираа во источните квартови речиси четири години.