Кина: Дронот е „врв на леден брег на американските разузнувачи“

Подводниот дрон кој беше запленет од страна на кинеската морнарица е само „врв на леден брег“ на американскиот воен надзор во Јужното кинеско море, оцени денес весникот на Комунистичката партија на Кина „People’s Daily“.

„Дронот кој се појави во Јужното кинеско море само е врв на ледениот брег во американкста воена стратегија за Кина“, се наведува во коментарот на државниот медиум.

Пентагон соопшти дека подводниот дрон вршел рутински операции, но People’s Daily наведува дека дронот бил поврзан со напорите на САД да ја „зауздаат“ Кина, пренесува CNN.

„Американската страна го намалува значењето на активностите на дронот, но нивните намери што стојат позади активностите на дронот не можат да бидат скриени,“ додава кинескиот весник.

Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека кинеската и американската војска водат „непречени“ разговори за враќање на подводниот дрон кој бродот на кинеската морнарица го зеде минатата недела од Јужното кинеско море.

Портпаролот на Пенатогон Питер Кук рече дека САД во директни преговори со кинеските власти обезбедиле спогодба со која Кина ќе им го врати подводниот дрон.

Кинески воен брод во четвртокот заплени подводен дрон кој што американски океанографски брод го спушти во меѓународните води на Јужното кинеско море, поради што САД упатија официјален демарш до Кина со барање за враќање на дронот, јавува Reuters, повикувајќи се на неименуван функционер во американското Министерство за правда.