Јужен Судан ги избрка норвешките хуманитарци од земјата

Јужен Судан нареди двајца високи претставници на Советот за бегалци на Норвешка да ја напуштат земјата, без објаснување, соопшти оваа организација.

Наредбата доаѓа по депортацијата на американски новинар од земјата зафатена со граѓанска војна и претставува аларм за зголемено насилство, а експерти за човекови права од Обединетите нации предупредуваат за етничко чистење во Јужен Судан.

Директорот на Советот за бегалци на Норвешка, кој еден ден беше во притвор о од силите на безбедност, како и менаџерот на северната држава Варап, треба да ја напуштат земјата.

„Советот за бегалци на Норвешка не доби формално објаснување кои се обвинувањата за овие две личности“, велат од организацијата во изјавата. „Наредбата вториот највисок по функција човек во организацијата да го напушти Јужен Судан е неприфатлива“, вели Јан Егеланд, генерален секретар на Советот. „Без уверување од властите дека ќе можеме да продолжиме со нашата хуманитарна работа без попречување, Советот ќе ја преиспита состојбата и ќе оцени дали може да пружи помош во Јужен Судан“, додава Егеланд.

Организацијата е присутна во Јужен Судан од 2004 година, а во првите осум месеци од оваа година пружиле помош на повеќе од 658.000 луѓе во земјата.

Јужен Судан во четврток прави три години од почетокот на граѓанската војна, која почна две години по прогласувањето независност од Судан, што ги прави најмлада нација на светот.

Претседателот Салва Кир го обвини неговиот поранешен заменик Риек Мачар за обид за државен удар, што доведе до војна во која десетици илјади загинаа, а 2,5 милиони луѓе се раселени.

Обединетите нации пред две недели предупредија дека во земјата се спроведува етничко чистење, а дека во многу области се случува сексуално насилство врз цивилното население.

Според Советот за бегалци на Норвешка на  повеќе од шест милиони, што е повеќе од половина население, им треба хуманитарна помош.