Израелската полиција над 10 часа ја испрашувала сопругата на премиерот Нетанјаху

Полицијата повеќе од десет часа ја испрашувала Сара Нетанјаху, сопругата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во ткн „случај резиденција на шефот на владата“, пишува во петокот весникот Haaretz.

Полицискиот распит на Сара Нетанјаху започнал во четвртокот и траел повеќе од десет часови, и не бил сé уште завршен кога во петокот се појави на киосците најновиот број на споменатиот влијателен израелски дневен весник.

Во написот на Haaretz се укажува дека „случајот резиденција“ всушност се состои од три различни дела. Во првото против Сара Нетанјаху е подигнато обвинение поради нејзиното наводно нарачување прехранбени продукти и ангажирање приватни готвачи за семејни прослави на сметка на резиденцијата на премиерот во Ерусалим. Вториот случај се однесува за плаќањето медицинска нега за таткото на Сара од истите извор како и во првиот. Третиот случај, пак, се однесува на ангажманот на работници за електриката во вилата на семејството Нетанјаху во Кесарија, кога сопругата на премиерот наводно барала од работниците да работат за време на викендите, кога се плаќа повеќе за час работа.

Полицијата посочила дека поседува доволно докази за да покрене обвиненија против Сара Нетанјаху и за случајот на преселување на мебелот од резиденцијата во Ерусалим во приватната вила во Кесарија, пишува уште весникот.

Самата Сара Нетанјаху одговарајќи на обвинувањата изјави дека „ништи нема да излезе, бидејќи и ништо нема“, ја цитира Haaretz.