Хан ја повика западнобалканската шесторка да ги зголеми напорите за сообраќајна поврзаност

Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан во вторникот ги повика министрите за транспорт на земјите од западнобалканската шесторка да ги зголемат напорите во спроведувањето на реформи, со што би се забрзал процесот на сообраќајното поврзување во регионот и искористи ветените средства од ЕУ, пренесуваат српските медиуми.

Министрите за транспорт на Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово во вторникот од Хан добиле нацрт договор за сообраќајна заедница, при што еврокомесарот потенцирал дека тоа е „значајно достигнување“ и дека овој договор ќе биде потпишан на самитот за Западен Балкан, во рамките на Берлинскиот процес, следната година во Италија.

„Овој договор претставува најдобар можен исход“, рекол Хан и ги повикал членките на ја искористат шансите и брзо да делуваат за да помогнат „Сообраќајната заедница“ да заживее.

„Денешниот состанок на министрите за сообраќај на западнобалканската шесторка во Брисел е прв таков состанок од западнобалканскиот Самит во Париз во јули“, рекол Хан и укажал дека Берлинскиот процес помогнал да се оформи јасна стратешка рамка и регионален контекст за одлуките на Европската комисија за финансирање на инвестициите.

Хан исто така ги повикал членките на западнобалканската шесторка да ги зголемат напорите во спроведување на реформите и укажал на конкретните мерки кои поединечно треба да се применат.