Германското разузнавање во своите редови откри и уапси исламист

Германската Федерална разузнавачка агенција за заштита на уставот Bundesverfassungsschutz (BfV) открила и уапсила во своите редови германски државјанин кој имал достап до„чувствителни материјали“, под обвинение дека објавувал исламистички изјави на интернет и откривал интерни материјали на агенцијата.

Портпаролот на BfV одбил за Reuters да објави детали за позицијата на уапсениот во агенцијата и за времето кога ѝ се приклучил на агенцијата. Одбил да го коментира, исто така, и пишувањето во дневниот весник Die Welt дека 51-годишникот планирал да активира бомба во централното биро на BfV во Келн. Наредбата за негово апсење била издадена под сомнение за заговор за убиство.

„Нема докази до овој момент дека постои конкретна опасност за безбедноста на BFV и за неговите вработени. Човекот е обвинет за објавување исламистички пораки преку интернет користејќи лажно име и за откривање интерни материјали на агенцијата на интернет“, рекол портпаролот додавајќи дека мажот „се однесувал неупадливо во текот на обуката и во својата област на одговорност“.

Неименуван извор од BfV за интернет изданието на весникот Der Spiegel – Spiegel Online, ги потврдил обвинувањата и дека мажот е државјанин на Германија, но и оти „се обидел да предаде потврдил чувствителна информација којашто се однесувала на агенцијата којашто можела да ги загрози активностите на агенцијата“.

Spiegel пишува дека органите на прогонот влегле во трагата на осомничениот екстремист пред околу четири седмици, и оти тој во моментов е притворен, а истрагата ја води обвинителството во Диселдорф. Мажот влегол во контраразузнавачката служба неодамна и требало да ги следи исламистите во Германија. Како што истакнува Spiegel Onlain, иследниците кај осомничениот откриле преносен уред на податоци со важни службени информации.

Германските власти ги засилија надзорот над потенцијалните милитантни исламистички групации по двата напада во јули годинава за коишто одговорноста ја презема екстремната сунитска организација Исламска држава.

Агенцијата BfV проценува дека во Германија има околу 40.00 исламисти, вклучително и 9.200 ултраконзервативни исламисти познати како салафисти, изјави Ханс-Георг Маасен, челникот на оваа агенција во интервју за Reuters претходно во ноември.

„И натаму сме цел на исламистичкиот тероризам и мораме да претпоставиме дека Исламската држава или другите терористички организации ќе изведуваат напади во Германија, доколку можат“, рече Маасен тогаш.