Пилотот на авионот кој се урна ноќта помеѓу понеделникот и вторникот во Колумбија пред полетувањето од Боливија бил предупреден дека нема да има доволно гориво за да го заврши летот, пренесува БиБиСи. Пилотот, бидејќи летот доцнел решил да го прескокне планираното полнење со гориво, што на крајот резултиташе со трагични последици.
Авионот со 77 луѓе се урна во близина на Меделин, во него беа и фудбалерите на Шапикоенсе. Осумнаесет фудбалери и тренерот ги загубија животите, а преживеаја тројца фудбалери.
Според планот кога авионот полетал од Боливија на пат кон Меделин, тој требало да слета уште еднаш во градот Кобија кој се наоѓа на границата помеѓу Перу и Бразил, а потоа да се упати кон крајната дестинација, градот Меделин во Колумбија.
Бидејќи летот доцнел, пилотот решил да не дополнува гориво во Кобија, што доведе до негово рушење на неколку милји од аеродромот во Меделин.
Инаку сѐ започнало кога бразилскиот тим морал да лета од Боливија до Колумбија, бидејќи според прописите на бразилските органи на цивилното воздухопловство, тие не можеле да изнајмат чартер од Бразил. Имено според бразилските прописи чартер компании кои не се регистрирани во Бразил не можат да полетуваат и слетуваат на аеродромите во оваа земја.
Поради тоа фудбалскиот тим тргнал од Сао Паоло во Санта Круз де ла Сиера во Боливија, од каде со чартер на компанијата „Ла Миа Ерлајнс“ требало да се упати за Колумбија. Меѓутоа авионот на боливиската авио компанија со кој полетале од Сао Паоло доцнел повеќе од еден час, поради што чартерот „Ла Миа Ерлајнс“ не стигнал да дополни гориво во Кобија.
Бразилскиот весник „О Глобо“ пишува дека бидејќи не бил во можност да дополни гориво, пилотот Мигел Кирога решил до „врв“ да го наполни резервоарот и да се упати директно кон Меделин, со што би скратил еден час од времето кое било загубено.
Шефот на Одделението за безбедност во авионскиот сообраќај, Фреди Агудсто Бонила, претходно изјавил дека со голема доза на сигурност може да каже дека во моментот на уривањето во авионот немало гориво колку што е предвидено со правилата на меѓународниот сообраќај.
Истрагата која ќе ги открие причините за падот на авионот се очекува да трае околу еден месец, а дотогаш на компанијата „Ла Миа Ерлајнс“ и е одземена дозволата за работа.