Победата на Александар ван дер Белен на претседателските избори во Австрија значи засилување на европското единство во време на многу предизвици, оцениле од ЕУ, пренесуваат светските агенции.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск му честитал на Белен за победата, посакувајќу му успешно вршењето на должноста.
„Во време кога се соочуваме со многу предизвици, продолжувањето на конструктивниот придонес на Австрија во пронаоѓањето на заедничкото европско решение и одржувањето на нашето европско единство останува од клучна важност“, порачал Туск во соопштение, пренесува AFP.
Слободарската партија на Австрија и нејзиниот кандидат на претседателските избори, Норберт Хофер, го признаа поразот и му честитаа победата на Белен. По пребројани 100 проценти од гласовите, победникот на претседателските избори во Австрија, независниот кандидат Белен освои 51,69 отсто, додека неговиот противкандидат од десничарската Слободарска партија (ФПО), Норберт Хофер освои 48,32 отсто од гласовите.
Во овие резултати не се вклучени гласовите пратени по пошта, а врз основа на кои Белен, според проценките ќе освои 53,3 отсто, додека Хофер ќе падне на 46,7 проценти.