Осуда за атентатот на рускиот амбасадор и зборови на сочувство доаѓаат од целиот свет, ден откако полицаец го уби амбасадорот Андреј Карлов во Анкара, објави телевизијата Russia Today (RT).
Карлов бил застрелан додека држел говор на отворањето на изложбата „Русија во очите на Турците” во уметничка галерија во Анкара, турскиот главен град. Напаѓачот е идентификуван како Мевлут Алтинтас, вработен во полицијата во Анкара.
Една од првите изјави на сочувство дојде од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
„Бев длабоко шокирана кога слушнав за незамисливиот напад врз амбасадорот Андреј Карлов во Анкара ова попладне. Ние целосно сочувствуваме со неговото семејство, сите негови колеги, и со руските власти”, напиша Могерини.
„Европската унија го осуди на најсилен можен начин овој напад против претставникот на вашата земја во Турција. Ние сакаме да ја изразиме нашата солидарност со Русија после овој криминален чин на насилство”, вели Могерини.
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон изјави дека е шокиран од „одвратното убиство” на амбасадорот на Русија, и го осуди „кукавички напад”.
Дојде реакција и од Обединетите нации (ОН). „Ние го осудуваме нападот на рускиот амбасадор во Турција. Не може да има оправдување за напад врз еден дипломат и амбасадор”, рече портпаролот на ОН Стефан Дујариќ. „Се надеваме дека сторителот ќе биде изведен пред лицето на правдата.”
Белата куќа изрази сочувство до семејството на амбасадорот Карлов и народот на Русија, силно осудувајќи го атентатот.
„Овој гнасен напад врз член на дипломатскиот кор е неприфатлив, и сме обединети со Русија и Турција во нашата решеност да се соочиме со тероризмот во сите негови форми”, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Нед Прајс.
Портпаролот на Стејт Департментот, Џон Кирби рече: „Ние го осудуваме овој чин на насилство. Нашите мисли и молитви се со жртвите и нивните семејства”.
Американскиата амбасадорка во ОН, Саманта Пауер го осуди “дивјачкиот напад” на Карлов и неколку други луѓе.
Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, исто така, изрази сочувство до семејството на амбасадорот.