Десетина момченца, некои на тинејџерска возраст, коишто планирале терористички напади на божикните саеми, се уапсени во Белгија, соопштија во саботата претставници на тамошните власти.
„Во моментов се обработуваат десетина дела против малолетни лица“, изјави портпаролот на федералното обвинителство на Белгија, Ерик Ван Дер Сипт,пренесува весникот Laatste Nieuws. Според Сипт, задржаните момчиња „биле регрутирани од терористички организации за подготовки или извршување терористички напади“.
Децата преку интернет добивале инструкции за тоа како да убијат човек или да направат бомба, пишува весникот. Според неговите сознанија, сунитската џихадистичка организација Исламска држава во овој период врши регрутирање на тинејџери во муслиманските заедници во Европа со цел да извршуваат терористички напади во повеќе земји.
Како што објави во петокот германскиот магазин Der Spiegel, во градот Лудвигсхафен, во западниот дел од Германија, 12-годишно момченце од ирачко потекло се обидело двапати да изврши терористички напад. Детето се обидело да активира експлозивна направа, но детонаторот откажал.
Првиот пат тој носел ранец со импровизирана бомба на божикен базар во градското собрание на 26-ти ноември, а втората бомба се обидел да ја активира на 5-ти декември., Откако детонаторот откажал и по вторпат, момчето решило да го сокрие ранецот во грмушки, но сомнителниот предмет бил пријавен од минувачи и полицијата го деактивирала.
Портпаролот на германското обвинителство потврди дека во градот била најдена импровизирана бомба, но одбил да ги каже деталите. Според списанието Focus, момченцето било регрутирано од страна на милитнатите на Исламската држава. Се претпоставува дека и малолетниците од Белгија имале цел да извршат напад во споменатиот германски град.