Црногорската опозиција ја смета новата влада за нелегална и нелегитимна

Црногорската опозиција ги одби повиците да се врати во парламентот, сметајќи дека на тој начин ќе и даде легитимитет на владата, која според опозицијата е избрана во нелегитимно Собрание.

„Додека не се распишат повторени парламентарни избори, бидејќи оние на 16 октомври беа украдени, и додека не се реши ‘државниот удар’, враќање во институциите нема да има. Знаеме дека таквата ситуација ја нервира Владата на Црна Гора, но не сме оптоварени со тоа и се надевам дека опозиционото единство нема да биде нарушено со ништо“, рече Дритан Абазовиќ, потпретседател на црногорското Граѓанско движење УРА.

Тој го запраша министерот за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, дали познава некоја земја членка на НАТО во која паралелно се одржуваат слободни избори и се спроведува државен удар и дали знае некоја земја членка на НАТО во која непречено се купуваат гласови и се злоупотребуваат јавните ресурси, а потоа власта се прогласува за легитимна.