Ципрас меѓу најнепопуларните лидери на партии во Грција

Нова анкета покажа дека грчкиот левичарски премиер Алексис Ципрас е меѓу најмалку популарните лидери на партии во својата земја, а од него помалку омилени се само неговиот коалиционен партнер – десничарскиот популист и шефот на една неонацистичка партија.

Истражувањето исто така покажува дека 87 отсто од испитаниците се против намалување на приходите што го бараат доверителите, како и против економската реформа наметната на Грција со најновиот договор за кредитна помош,  кој премиерот Ципрас го потпиша минатата година.

Некогаш обожаван, Ципрас сега е на шесто место според популарноста меѓу лидерите на осум партии застапени во парламентот, со 24 позитивни оценки.

Тоа е далеку зад конзервативниот лидер на опозицијата Кирјакос Мицотакис, кој го зазема првото место со рејтинг од 45 позитивни оценки.

Резултатите на телефонската анкета The Public Issue беа објавени во среда, а беше направена врз 1.005 испитаници во периодот од 18 до 25 ноември, со маргина на грешка од 3,2 отсто.