Најмалку 54 луѓе загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер во индонезиската покраина Ачех, а локалните власти стравуваат дека уште многу луѓе се наоѓаат под урнатините.
Командата на индонезиските вооружени сили во покраината Ачех соопшти дека 52 лица ги загубиле животите во округот Пидиџаја, близу епицентарот на потресот, а уште две жртви има во соседниот округ Биреен. Претходно беше соопштено за 25 жртви, пренесува Associated Press.
Повеќе од 70 луѓе се тешко повредени, изјавил за Reuters портпаролот на националната агенција за управување со вонредни состојби, Сутопо Нугрохо.
Земјотресот се случи по 5,03 часот по локално време, околу 23,03 часот по македонско време. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕMSC), епицентарот бил на 92 километри од градот Банда-Ачех, на северниот брег од индонезискиот остров Суматра, на длабочина од 10 километри. Не објавено предупредување за цунами.
Спасувачките екипи ги покренаа акциите за извлекување откако земјотресот урнал десетици загради. Жителите и натаму се наоѓаат на улиците стравувајќи од нови потреси, пренесуваат локалните медиуми. Спасувачката служба објави дека потрагата по преживеаните продолжува со користење тешка механизација.
На телевизиските снимки се гледаат урнатини од градби и урнати столбови за електрична енергија, додека многубројни жители се собираат на улиците. По главниот удар следеле пет послаби потреси.
Покраината Ачех инаку тешко настрада во силниот земјотрес и цунамито кои на 26-ти декември 2004 година ги погодија нејзиниот западен брег, недалеку од покраинскиот главен град Банда-Ачех. Во таа катастрофа само во покраината Ачех загинаа повеќе од 120.000 луѓе, а во 11 земји во Индискиот Океан смртно настрадаа 230.000 луѓе.
Индонезија се наоѓа во сеизмички најактивната зона на планетата и е дел од ткн Пацифички огнен прстен, моќна тектонска раседлина. Во 2009 година повеќе илјади луѓе беа жртви на серија силни земјотреси во покраината Западна Суматра, а во 2004 година западниот брег на Суматра беше погоден од разорен земјотрес кој предизвика цунами во кое настрадаа стотици илјади луѓе во 12 земји.
Двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча.
Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата. Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0.