Американскиот супер разурнувач „USS Zumwalt“ доживеал хаварија во понеделникот ноќта минувајќи низ Панамскиот канал, пишува порталот Defense News повикувајќи се на извори од американската воена морнарица.
Според првични информации, хаваријата била последица на проблемите настанати во преносниот систем на топлината во машинскиот оддел на бродот, кој со енергија снабдува низа системи на пловилото, вклучително и вооружувањето и сензорите.
Разурнувачот, чиешто матично пристаниште е во Сан Диего, бил упатен кон базата „Родман“ во панамска Билбоа. Во моментов, експертите работат на отстранување на дефектот.
Високотехнолошкиот брод од класата ткн „невидливи“ разурнувачи испловил од бродоградилиштето на 7-ми септември, но веднаш се пријавени проблеми. Кон крајот на септември било пријавено истекување во системот за погон на бродот, а во октомври разурнувачот имал технички проблеми при пловењето на Флорида.
Сепак, пишува Defense News, овие грешки не се единствените проблеми на „USS Zumwalt“. Имено, бродот се покажал како многу скап, дури и според стандардите на американската армија. Така, само еден истрел од уникатниот топ со кој е опремен овој разурнувач, го чини буџетот 800.000 долари при вкупната цена на бродот од 4,4 милијарди долари.
Поради тоа, како што претходно пишуваше Defense News, американската флотила го скуси планот за набавка на бродовите од класата „USS Zumwalt“ од 28 на само три пловила.
Разурнувачот официјално влезе во составот на американската воена морнарица на 15-ти октомври, и стана еден од најскапите бродови во историјата на американската флотила.