Американскиот сенат го блокираше влезот на Црна Гора во НАТО

Одборот за надворешна политика на Сенатот на САД пред неколку дена едногласно ја подржа ратификацијата на Протоколот за пристапување на Црна гора во Северноатлантската алијанса (НАТО), јавија американските медиуми на чело со угледниот „Форбс“. Меѓутоа, изгледа дека дошло до неочекуван пресврт заради кој Црна Гора може да остане на вратата на Алијансата.

Имено, Протоколот за пристапување беше на дневен ред на Сенатот во понеделникот и вторникот, а истиот можеше да биде одобрен само едногласно, со акламација, бидејќи немаше време сенаторите поединечно да се изјаснуваат.

Причина за ова е тоа што администрацијата на Барак Обама е на заминување и тие сакаа по секоја цена да ја протуркаат ратификацијата пред Доналд Трамп официјално да ја преземе функцијата претседател, пред се поради неговиот став за НАТО.

Сенаторката Џин Шахин дури и јавно ги забрзувала сенаторите што поскоро да гласаат за резолуцијата пред напуштање на Конгресот и стапување на должност на новата администрација на Доналд Трамп.

Меѓутоа, еден сенатор, досега од непознати причини, не се согласил и одбил да ја подржи ратификацијата и така засега целата постапка е одложена.

Ваквата вест е големо изненадување имајќи ги предвид напорите што ги направи САД за да ја внесе Црна Гора во НАТО, пишуваат локални медиуми повикувајќи се на дипломатски извори во Подгорица и Вашингтон.