Џон Глен, кој стана еден од најголемите херои на XX век како првиот Американец кој леташе околу Земјата во нејзината орбита и подоцна највозрасниот астронаут на светот со долга кариера на американски сенатор, почина во четвртокот во 95-та година, објави гувернерот на американската сојузна држава Охајо.
Џон Глен, инаку, беше последниот преживеан од седумте астронаути од мисијата „Mercury“. „Џон Глен е и секогаш ќе биде најголемиот херој на Охајо и неговата смрт денеска нé натажи сите нас“, изјави гувернерот на сојузната држава Охајо, Џон Кејсик, во соопштението.
Глен своевремено го врати реномето на САД откако Советскиот сојуз во почетокот почна да предничи во истражувањата на Вселената со човечки екипажи. Неговите три обиколки околу Земјата во вселенската капсула „Friendship 7“ на 20-ти февруари 1962 година му осигурија важно место на поранешниот пилот на борбени авиони во истражувањето на космосот како „нови граници“ во периодот на претседателот Џон Ф. Кенеди.
Како трет од седумте астронаути од програмата „Mercury“ на NASA, Глен беше повеќе од другите медиумски експониран и беше познат по сталоженоста и подготвеноста да ја промовира програмата.
Неговата кариера на астронаут, како и неговите успеси како борбен пилот во Втората светска и во Корејската војна, му помогнаа да влезе во американскиот Сенат во 1974 година, каде ја претставуваше својата родна сојузна држава Охајо 24 години како умерен демократ.
Глен влезе во историјата во 1961 година кога колегата астронаут Скот Карпентер му посака „Среќно Џон Глен“ неколку моменти пред неговата ракета да биде лансирана во Вселената на летот кој го собори рекордот траејќи малку под пет часа. „Гравитацијата е нула, а јас се чувствувам добро. А погледот е извонреден“, рекол Глен за бестежинската состојба по неколку минути од мисијата.
По слетувањето во Атлантикот кон Глен се однесуваа како кон херој, и се обрати со говор во Конгресот и беше прославен на парада во Њујорк.
Неговите искуствата како пионер на астронаутите се прикажани во книгата и филмот „Пат во Вселената“, заедно со на другите пилоти од мисијата „ Mercury“. Авторот на книгата, Том Волф, го нарече Глен „последниот вистински национален херој кој го имаше Америка“.