Дански пратеник предложи да се пука на бродовите со имигранти

Безбедносните сили би требало да пукаат на гумените чамци и бродовите со имигранти кои настојуваат илегално да влезат во земјите на Европската унија, изјави на националната телевизија пратеникот и член на конзервативна Данска народна партија, Кенет Берт.

„Единствен ефикасен начин е да се вратат бродовите од каде што дошле и да им се порача ’Не можете да пловите по должината на оваа државна граница, а ако тоа го сторите на вас ќе се пука или ќе бидете принудени да се вратите од каде што сте дошле’“, порача пратеникот Кенет Берт во програмата на данската телевизија DK4.

Подоцна Берт на својата фејсбук страница ја ублажи изјавата, пишувајќи дека не мислел дека треба да се пука врз луѓето, туку во знак на предупредување од бродовите на НАТО да се пука во воздух.

Портпаролот на Данската народна партија, Сорен Сондергард, за Reuters изјави дека идејата за пукањето врз бегалците не го претставува официјалниот став на партијата.

На минатогодишните избори десничарската Данска народна партија освои 21 отсто од гласовите, поради што е втора според бројноста најзастапена групација во парламентот.

Данска по големиот минатогодишен прилив на имигранти и бегалци започна да применува многу остра имигрантска политика, вклучително и заострените контроли на границите и контроверзниот „закон за одземање на скапоценостите“ од оние кои ќе бараат азил. Во август владата предложи усвојување вонреден закон со кој би се дозволило враќање на барателите на азил од границите.