Откако пред десетина дена ракометарите на Вардар направија голем чекор кон освојување на првото место во Б групата во Лигата на шампионите, со убедлива игра славеа над Рајн Некар Левен со 33:27 во Манхајм, во саботата германскиот шампион се реваншираа во Скопје и славеа со 29-26.
Во осмото коло ракометарите на Вардар не успеаја да ја остварат рекордната победничка низа во Лигата на шампионите, и натаму останува на челната позиција во групата.
Играчите на Рајн Некер Левен уште на самиот почеток од натпреварот покажаа дека во Скопје дошле со намера да се реваншираат за тешкиот пораз од Вардар пред своите гледачи. Сепак, вардарци во првичните моменти кога двете екипи играа со трансформации во одбраните, успеваа да одржуваат минимална разлика. Домашниот тим не успеа да ги искористи моментите кога гостите играа бес исклучениот Гудјен Валур Сигурдсон кога и примија два гола.
Првиот голман на Вардар, Арпард Штербик во првото полувреме можеби ја пружи својата најслаба партија во кариерата и забележа само две одбрани, пред да биде заменет со Страхиња Милиќ. Сепак, по првиот дел ниеден од ривалите не оствари предност и на одмор се замина со резултат 15-15.
Рајн Некар Левен и во второто полувреме започна со силна игра казнувајќи ја секоја грешка на вардарци, и во 37 минута поведе со три голови разлика со 19-16, кое го одржуваше и следните неколку минути. Вардар успеа да намали на 19-21, но потоа на сцената стапи гостинскиот голман Микаел Аплегрин што доведе до најголемото водство на Рајн Некар од плус шест (19-25) во 50 минута.
Во финишот вардарци како да се тргнаа и се обидоа да го спасат мечот, па со три гола во серија стасаа до 25-28, но веднаш беа „оладени“ во следниот напад на Германците и на крајот успеаја само да стасаат до 26-29, што е прв пораз сезонава на Вардар пред своите навивачи.
Жоан Канелјас и Вуко Борозан со по шест голови беа најефикасни во сосатвот на Вардар, далеку под своето ниво на овој меч беа голманите на „црвено-црните“, Штербик остана само со три одбрани, а Милиќ имаше шест. За разлика од нив, Микаел Апелгрин со 14 одбрани и еден одбранет седмерец беше клучниот играч во победата на Рајн Некар Левен, во чии редови најефиканси беа Мадс Ларсен и Харалд Рајнкинд со по седум голови..
Во следното коло од групната фаза во ЛШ, Вардар го очекува уште еден тешок натпревар на гостувањето во Полска против Кјелце на 4-ти декември.