ФИФА, на јануарскиот конгрес, ќе го разгледува новиот формат на Мундијалот, односно на него да учествуваат 48 репрезентации, но и ќе го изнесе предлогот на Светските првенства да нема нерешени резултати во фазата по групи.
Одлуката дали ФИФА ќе го прошири Мундијалот со уште 16 репрезентации ќе биде позната на 10. јануари кога најверојатно ќе се гласа и за предлогот да нема нерешени резултати во првата фаза.
ФИФА овој свој предлог го правда со образложението дека на тој начин ќе се спречат евентуалните местенки. Според ФИФА, доколку мечот заврши нерешено, ќе се изведуваат пенали, а репрезентацијата која ќе биде поуспешна ќе добие три, а поразената два бода.
Изведувањето на пенали по нерешен резултат не е новина во светскиот фудбал, ваков апсурден систем имаше една сезона во првенството на поранешна Југославија, кога победникот во пенал серијата освојуваше еден бод, а поразениот не добиваше ништо.
Овие предлози се на претседателот Џани Инфантино, кој во изборната капмања вети дека ќе го прошири бројот на учесници на Мундијалот.
Доколку помине предлогот тогаш СП-а би се играле со 48 репрезентации кои би биле поделени во 16 групи со по три тима, а првиот и вториот би продолжиле во нокаут фазата.
Инцијативата не наиде на поддршка на големите европски клубови, од чии редови на минатото Светско првенство доаѓаа 76 отсто од фудбалерите.
Првиот човек на Европската асоцијација на клубови (EKA), Карл-Хајнц Румениге, рекол дека предлогот за проширување на Мундијалот е неприфатлив бидејќи бројот на натпревари кои фудбалерите ги играат во сезоната „веќе достигна неприфатливо ниво“.