Ростов го направи најголемото изненадување во досегашниот тек од Лигата на шампионите откако во првиот меч од петтото коло, во групите А, Б, Ц и Д го победи минхенски Баерн со 3:2 (1:1).
Тренерот на Баерн, Карло Анчелоти, реши во Ростов да настапи без неколкумина стандарни играчи (Нојер, Алаба, Хави Матинез, Видал), а комбинираше и со почетниот состав и поради тоа беше сурово казнет.
Баварците доминираа во Ростов, имаа 72 проценти од поседот на топката, повеќе удари кон противничкиот гол, но Ростов ја однесе победата, која е една од најголемите во клупската историја.
Баерн загуби иако прв постигна гол, во 35.минута Даглас Коста искористи една лоша интервенција на домашните дефанзивци и погоди за 0:1.
Истиот играч направи катастрофална грешка во 43.минута, кога отвори контра за Ростов, која на маестрален начин, откако се ослободи од Боатенг, ја заврши Иранецот Сардар Азмун.
На самиот старт од второто полувреме Боатенг, најлошиот играч на Баерн на овој меч, направи прекршок за пенал, кој го реализира Лолож. Две минути по водечкиот гол на Ростов, Баерн во 54.минута израмни преку Бернат.
Конечниот резултат, од слободен удар, го постави Нобоа во 76.минута.
Баерн со овој пораз најверојатно се прости од првото место во Д групата, бидејќи на Атлетико против ПСВ ќе му биде доволен еден бод за да ја обезбеди лидерската позиција. Од друга страна победата за Ростов веројатно значи продолжување на натпреварите во Лига Европа, бидејќи рускиот тим со меч повеќе има плус од три бода во однос на ПСВ.